Стотици луѓе маршираа во Лион во знак на протест пo убиството на десничар

Стотици луѓе учествуваа на маршот организиран од крајно десничарски групи денес во Лион, откако десничарски, националистички активист почина од претепување во градот.

Францускиот претседател Емануел Макрон повика на смиреност пред да му оддаде почит на Квентин Деранко, 23-годишникот кој почина во болница минатата недела од повреди на мозокот.

Демонстрациите се одржаа под строга полициска контрола.

„Ова е момент на сеќавање и почит кон овој млад сонародник кој беше убиен, неговото семејство и најблиските. Тоа мора да дојде на прво место. А потоа е момент на цврстина и одговорност“, рече Макрон.

Седум лица беа приведени и против нив беа поднесени прелиминарни обвиненија. Јавното обвинителство во Лион побара секој од нив да биде обвинет за убиство со умисла, отежнато насилство и криминално здружување.

Шестмина обвинети се соочуваат со сите три обвиненија, додека седмиот е обвинет за соучество.

Деранк беше нападнат за време на судир меѓу поддржувачи на крајната левица и крајната десница на маргините на студентски митинг каде што зборуваше левичарската пратеничка Рима Хасан.

Макрон најави дека следната недела ќе одржи состанок со министрите за да изврши сеопфатен преглед на сите насилни активистички групи поврзани со политички партии, навестувајќи дека некои од нив би можеле да бидат распуштени.

„Ниедно насилство не е легитимно во Републиката. Нема место за милиции, од каде и да доаѓаат. Мораме да бидеме апсолутно бескомпромисни“, рече тој.

Главната почит кон убиениот десничар се одржа во Лион, каде што судирите меѓу крајнодесничарските и крајнолевичарските групи се чести и честопати се одвиваат во форма на организирани улични борби, понекогаш во кои учествуваат групи од неколку десетици луѓе.

Крајнолевичарските милитантни групи во Лион се појавија релативно неодамна, како реакција на многу крајнодесничарски групи кои постојат со децении. Разузнавачките служби го карактеризираат градот како лулка на крајнодесничарскиот активизам во Франција.

Родителите на Деранк, исто така, повикаа на мир и не учествуваа во оддавањето почит, кое не беше забрането од француските власти.

Пред почетокот на маршот беше одржана минута молчење.

Многу мажи облечени во црно, некои со делумно покриени лица, се придружија на маршот.

Зачлени се на нашиот е-билтен