Специјалните формации на мексиканската армија го ликвидираа лидерот на најголемиот мексикански картел, иако се уште нема официјална потврда од владата.
Осегуера, за кого САД понудија награда од 15 милиони долари, беше објавено дека е мртов од мексиканските весници „Ел Универзал“ и „Реформа“, како и од телевизиската мрежа „Телевиса“.
Веднаш по објавувањето на информацијата, насилството ескалираше во повеќе делови од земјата. Од државите Халиско, Мичоакан, Најарит, Гереро и други региони пристигнуваат извештаи за запалени автомобили, блокирани автопати, вооружени групи кои поставуваат барикади и напади врз јавна инфраструктура. Овие акции се сметаат за одмазднички потези на криминални структури поврзани со картелот.
Вооружени лица запалија автомобили и камиони во западната држава Халиско, блокирајќи неколку патишта како одговор на операцијата што беше во тек во регионот.
Во мексиканскиот град Гвадалахара се создаде вистинска паника на Меѓународниот аеродром, откако на социјалните мрежи почнаа да се шират информации за пукање, вооружени пресметки и насилни инциденти во и околу аеродромскиот терминал. Патниците во страв масовно трчаа кон излезите, барајќи засолниште, додека видеа од наводни престрелки и нереди брзо се ширеа на интернет, предизвикувајќи дополнителен хаос и прекин на дел од аеродромските операции.
„Ел Менчо“, кој со години важеше за еден од најбараните криминалци во светот, бил опколен во планинска област во државата Халиско, каде што се криел со своите најблиски соработници. По жестока акција, безбедносните сили го неутрализирале, што мексиканските власти го оценија како еден од најголемите удари врз организираниот криминал во последните децении.