Откако вчера во Мексико изби класична улична војна помеѓу безбедносните структури и нарко – картелите поради ликвидацијата на Ел Менчо, водач на Картелот Халиско, денес македонското министерство за надворешни работи упати предупредување до македонските граѓани.
МНР апелира до македонските државјани кои моментално се наоѓаат на територијата на оваа држава да ја напуштат во прва можна и безбедна прилика.
Истовремено, од Министерството препорачуваат одложување на сите патувања кон Мексико кои не се од итен и неопходен карактер, со цел да се избегнат потенцијални безбедносни ризици.
МНР информира дека ги става на располагање сите свои капацитети за асистенција и поддршка на државјаните на Република Северна Македонија. За итни случаи, граѓаните можат да се обратат на 24-часовниот СОС дежурен телефон +389 75 268 736, како и на електронската адреса globalsos@mfa.gov.mk.
Дополнително, на располагање е и дежурниот телефонски број на Дипломатско-конзуларното претставништво на Република Северна Македонија во Вашингтон +1 (202) 758-7798, како и електронската адреса washington@mfa.gov.mk.