Главна вест на денот е дека Артан Груби се вратил во државава, па уште неспособното МВР објавува „го уапсивме“ Груби. Класичен пример за неспособност, откако човек кој беше вицепремиер, кој речиси секој во државава знае како изгледа, успеа да избега без никој да го види, а сега „го уапсивме“ откако сам дојде на граница за да се пријави, реагира на социјалните мрежи Наум Локоски од Институтот за европска политика (ЕПИ) .
„Од друга страна тивко, незабележано, помина веста за тоа дека САД спречиле терористички напад врз школо во државава. Никој не зборува дека момче од Тетово имало обезбедено автоматска пушка, пиштол, стотици куршуми, ножеви, панцири и било подготвено да изврши масовно убиство во школо, каде што веројатно ќе имаше (бидејќи заклучивме дека сите се неспособни) десетици млади (малолетни) жртви“, посочува Локоски.
И не, укажува Локоски, „нашите неспособни служби немале врска што се планира, туку дечкото запалил некои red-flags кај ФБИ, коментирајќи на интернет, по што тие ги контактирале нашите служби и им кажале што се случува, за да одат да го уапсат момчето и неговиот 90-годишен дедо“.
„И така, никој не бара одговорност за тоа што нашите служби се неспособни да одржат основна безбедност во државата, особено за нашите деца, но затоа сите ќе коментираме за тоа што значи тоа што „го уапсиле“ Груби кој сам се пријавил на граница. Да не коментираме за тоа што 5 тони марихуана си излегле од државава и никој не знае како тоа се случило и што потоа МВР собра уште 40 тони во акција без апсења“, истакнува во својата реакција Наум Локоски.
„Не мора да прашуваме, супер си е МВР, супер си е министерот. Нека гинат и горат деца, битно Груби „го уапсивме“, пишува на социјалните мрежи Наум Локоски од Институтот за европска политика.