Советот на Европската Унија усвои нови правила за царински давачки што од 1 јули 2026 година ќе го укинат тековното олеснување за мали пратки од трети земји, особено оние што доаѓаат од Кина и се нарачани преку е-трговија, воведувајќи фиксна царинска такса од 3 евра за секоја категорија артикли во пратка вредна помалку од 150 евра со цел да се спречи нелојална конкуренција за домашните продавачи и да се модернизира царинскиот систем. Според новите договори, оваа привремена такса ќе важи до 1 јули 2028 година, кога се очекува да биде заменета со стандардни тарифи откако ќе стане оперативен ЕУ царинскиот центар за податоци.
Одлуката доаѓа по години на растечки прилив на евтини пратки со малa вредност, кои досега влегуваа во Унијата без царински давачки под прагот од 150 евра, што, како што истакнуваат европските институции, доведе до значителен пораст на увозот и создаде притисок врз европските трговци. Во 2024 година, повеќе од 90 отсто од овие мали пратки потекнувале од Кина, а нивниот број се удвојувал секоја година.
Новите правила предвидуваат дека за секоја различна категорија артикл во пратка ќе се плаќа по 3 евра царина, што значи дека пратка со повеќе видови производи ќе биде поскапа за крајниот корисник. Европските власти велат дека со оваа промена ќе се зголемат приходи и ќе се зајакнат контролите, додека трговците од ЕУ ќе добијат пофер пазарни услови.