Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, упати остра порака до членовите на Платформата ЗНАМ 2.0, повикувајќи ги или да се вклучат во партиските активности или да престанат, како што рече, да му држат лекции за тоа како треба да се води партијата.
На прес-конференција во Собранието, Филипче оцени дека токму дел од луѓето кои денеска упатуваат критики претходно ја довеле СДСМ во тешка состојба.
„Па ја погребаа партијата за малку. На издишување беше. Па ние сите во изминативе две години тешко работиме, консолидираме и они сега ќе кажуваат како треба“, рече Филипче.
Тој оцени дека критиките доаѓаат во момент кога СДСМ објавува, како што рече, големи скандали поврзани со актуелната власт.
Филипче ги повика критичарите, доколку навистина сакаат да ѝ помогнат на партијата, да се вклучат во активностите на терен.
„Сега ги имаме изборите во Брвеница. Ќе ги ставиме во распоредот, па нека помогнат, ако сакаат вистински да ѝ помогнат на партијата. Ако не, нека ми се тргнат од патот, затоа што ќе ги изгазам како шлепер жаба, да ги потсетам нешто од нивното време“, рече тој.
Филипче порача и дека функцијата претседател на СДСМ ја извршува со истата посветеност со која претходно работел како лекар и како министер за здравство.
„Сè што работам, работам професионално, посветено, многу сериозно и најдобро што можам“, рече Филипче.
Тој додаде дека верува оти политиката што ја води актуелното раководство на СДСМ ќе победи.
„Ќе победи нашата политика, затоа што сме на исправната страна“, порача Филипче.

