Пратеничката група на Левица ќе поднесе интерпелација за работата на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, обвинувајќи ја за лошо управување со енергетскиот сектор и раст на долговите во државните компании.
Пратеникот Амар Мециновиќ денеска во Собранието изјави дека интерпелацијата не се однесува само на работата на еден министер, туку и на начинот на кој државата управува со енергијата, минералните суровини и природните богатства.
Според Левица, енергетската сиромаштија расте, додека финансиската состојба на државните енергетски компании се влошува.
Мециновиќ тврди дека долгот на ЕСМ во последните две години е зголемен за 17 милиони евра и сега изнесува речиси 175 милиони евра.
Од Левица посочуваат дека на почетокот на мандатот Божиновска најавувала дека долговите ќе бидат управувани и намалувани, но според нивните податоци се случило спротивното.
Партијата отвора и прашања за начинот на функционирање на електроенергетскиот пазар и зошто „ЕСМ Продажба“ не настапува со пониска маржа.
Во интерпелацијата ќе бидат опфатени и прашања поврзани со рударските концесии во југоисточниот дел на земјата, вклучително и рудникот Иловица-Штука и постапките за геолошки истражувања.
Мециновиќ упати критики и за кадровските решенија во Регулаторната комисија за енергетика и побара останатите пратенички групи да ја поддржат интерпелацијата.
Засега нема информација дали интерпелацијата ќе добие поддршка од други опозициски партии.

