Новиот филм на Манчевски оди во Токио – светска премиера за „Сестра, брат и шахта“

Фото: Маја Аргакијева

Најновиот филм на Милчо Манчевски, „Сестра, брат и шахта“, ќе ја има светската премиера на 30 октомври на Меѓународниот филмски фестивал во Токио, каде што е избран во официјалната натпреварувачка програма.

Манчевски и дел од актерската екипа ќе присуствуваат и на отворањето на фестивалот на 26 октомври, кога ќе продефилираат на црвениот килим. По премиерата се предвидени разговори со публиката и со јапонски и меѓународни медиуми, а дополнителни проекции се закажани за 2 и 3 ноември.

„Сестра, брат и шахта“ е сатирична приказна за брат и сестра кои живеат на маргините на општеството и се обидуваат да преживеат крадејќи бисти и шахти што ги продаваат како старо железо.

Манчевски го опишува филмот како остра сатира, но истовремено и како интимна приказна за односот меѓу двајца луѓе кои со хумор и пркос се справуваат со корумпирана средина.

„Нашите Ивица и Марица крадат бисти за да преживеат и еден убав ден среќаваат една богата слепа баба“, вели Манчевски.

Главните улоги ги толкуваат Сара Климоска и Филип Трајковиќ, а во актерската екипа се и Соња Михајлова, Петар Мирчевски, Јордан Симонов, Дејан Лилиќ, Јасмина Василева, Стефан Николовски, Ана Костовска и други.

Климоска вели дека при создавањето на ликот на Малина најголем предизвик било ранливоста да произлезе природно од нејзината борба, без да ја направи слаба.

Трајковиќ, пак, посочува дека ликот на Виктор го градел врз оптимизмот и вербата дека луѓето сепак можат да бидат добри и чесни.

За продуцентот Јане Ќортошев, изборот на Токио е значаен чекор во меѓународниот пат на филмот.

Тој вели дека странските копродуценти биле привлечени од приказната, специфичниот јазик на филмот и можноста да соработуваат со Манчевски.

Ова не е прво учество на Манчевски на фестивалот во Токио. Негови филмови и претходно биле прикажувани таму, меѓу нив „Пред дождот“, „Прашина“ и „Кајмак“.

Во продукцијата на „Сестра, брат и шахта“, покрај Македонија, учествуваат партнери од Бугарија, Србија, Италија, Англија и Албанија.

Филмот е поддржан и од Агенцијата за филм, чиј директор Сашко Мицевски оцени дека премиерата во Токио е уште една можност македонската кинематографија да биде претставена пред меѓународната публика.

Проектот претходно беше дел и од спор меѓу Манчевски и Агенцијата за филм. Според соопштението на продукцијата, режисерот тврдеше дека проектот бил блокиран откако пријавил корупција во Агенцијата, а во материјалот се наведува и дека добил две судски пресуди во постапки против институцијата.

„Сестра, брат и шахта“ е втор филм што Манчевски го заврши во период од една година, по документарецот „Добри луѓе“.

Директор на фотографија е Стефано Фаливене, дизајнер на продукција е Дејвид Манс, кастинг директорка е Милка Анчевска, костимите се на Жаклина Крстевска, а шминката на Бистра Кечиџиева.

Филмот е сниман на повеќе локации во Скопје и околината со меѓународна филмска екипа.

Рацин.мк ве прашува:

Дали имате доверба во квалитетот на храната што се продава во Македонија?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали имате доверба во квалитетот на храната што се продава во Македонија?