ЕУ разгледува нов модел – еврокомесар и пред полноправното членство

Земјите кандидати за членство во Европската унија би можеле да добијат свој еврокомесар уште пред формално да станат членки, според нов модел за постепено вклучување што го разгледува Европската комисија.

Идејата предвидува земјата кандидат да назначи комесар откако ќе го потпише договорот за пристапување, но додека трае ратификацијата од сите земји членки на ЕУ. Тој процес во одредени случаи може да трае со години.

Според нацрт-документите, идниот комесар би можел да учествува во дискусиите на Колегиумот на комесари и во обликувањето на европското законодавство, иако земјата сè уште формално не би била членка на Унијата.

Ако моделот биде прифатен, тоа би претставувало преседан во процесот на проширување на ЕУ.

Се разгледува и дополнително институционално вклучување на кандидатите уште по завршувањето на преговорите. Една од опциите е тие да испраќаат набљудувачи во Европскиот парламент, а во одредена фаза и претставници на состаноците на Европскиот совет.

Паралелно со политичкото вклучување, Брисел планира кандидатите постепено да добиваат поголем пристап до единствениот европски пазар и до програмите на Унијата.

Меѓу областите што се разгледуваат се Единствената зона за плаќања во евра, програмата „Хоризонт“, дигиталните јавни услуги, сајбер безбедноста, енергетиката и стратешките инвестиции.

Како земји кои најбрзо би можеле да дојдат до оваа фаза во текстот се посочуваат Црна Гора и Албанија. Европската комисија во своите последни оценки ја издвојува Црна Гора како најнапредната земја во пристапниот процес, додека Албанија бележи забрзано затворање на преговарачките поглавја.

Македонија и натаму има статус на земја кандидат со отворени пристапни преговори, но следниот чекор во процесот е поврзан со исполнувањето на условите за продолжување на преговорите по кластери.

Новиот пристап покажува дека Брисел разгледува модел во кој кандидатите постепено би добивале дел од придобивките и институционалното учество во Унијата уште пред формалното членство.

Рацин.мк ве прашува:

Дали имате доверба во квалитетот на храната што се продава во Македонија?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали имате доверба во квалитетот на храната што се продава во Македонија?