Во прифатилиштето „Хачико“ во Битола има околу 75 кучиња што е само 10 проценти од уличната популација во градот каде што според мониторингот направен од Општина Битола во 2023 година имало 750, а на ниво на целата Општина 1.100 улични кучиња. Прифатилиштето работи година и пол, а битолчани сведочат дека улиците низ градот и понатаму се полни со бездомни кучиња.
За неполна година медиумите известуваа за три случаи на искасани деца од бездомни кучиња.
„Утрово кога слегував, имаше глутница кај комплексот ‘Шехерзада’, во центарот на Битола. Тоа е на сто метри од Општина Битола. Неопходни се поефикасни мерки за решавање на проблемот“, вели Самедин Канановски, роднина на едно од искасаните деца.
Градоначалникот на Битола Тони Коњановски вели дека „Хачико“ работи со максимален капацитет, а со принципот на работа што го дозволува законот, ќе бидат потребни неколку години за да се намали бројот на улични кучиња.
„Во согласност со Законот за заштита и добросостојба на животните, единствениот начин што е можен за згрижување е „залови, вакцинирај, стерилизирај и повторно врати“’” на местото од каде што се подигнати. Така ќе се опфатат најголем дел. Верувајте, не постои друга метода. Според она што го кажуваат стручњаците, потребни се неколку години таа популација на стерилизирани и вакцинирани кучиња да нема услови за множење“, вели Коњановски.
Според него, во прифатилиштето е исполнет максималниот капацитет над 75 кучиња и тоа функционира беспрекорно.
„Да разграничиме, прифатилиштето ‘Хачико’ не е хотел за кучиња, туку попатна станица во која тие многу краток период, до една недела, се задржуваат со ветеринарен третман, а 40 се вдомени. Но, тоа не е центар што трајно ќе ги згрижи. Капацитетот е повеќе од доволен“, додава градоначалникот Коњановски.
Во изминатите години високи износи од буџетот на Општината се одлеваа за отштета на граѓаните што тужеа за напади од кучиња. Според Општината, во 2023 година биле исплатени 7.769.952 денари (126.340 евра), во 2022 година – 2.885.115 денари (46.912 евра), а во 2021 година – 1.129.000 (18.350 евра). Од Општина Битола во неколку наврати изразија сомнеж за лажни пријави на напади од кучиња.
Ж. З.
Преземено од https://lap.mk
Онлајн медиум на локалните заедници од пелагонискиот регион во РСМ, вклучително на ранливите групи граѓани и граѓанските организации што работат со нив.