Експерти од амстердамскиот Рајксмузеум потврдија дека делото „Визија на Захарија во храмот“ е автентична слика на Рембрант ван Рајн, по двегодишно истражување со современи методи на анализа.
Станува збор за слика од 1633 година, создадена во раниот период на Рембрант, кога уметникот имал 27 години. Делото прикажува библиска сцена со првосвештеникот Захарија, а присуството на архангелот Гаврил е означено преку светлина што доаѓа од горниот десен агол, наместо преку директен приказ на ангелот.
Од музејот наведуваат дека при проверката биле користени напредни техники, вклучително и материјална анализа, споредба со други дела од истиот период, проверка на потписот и дендрохронолошка анализа на дрвената подлога, со што е потврден и датумот 1633. Истражувачите посочуваат дека составот на боите, техниката на нанесување и промените во композицијата се совпаѓаат со раните дела на Рембрант.
Сликата била исклучена од опусот на Рембрант во 1960 година, а по купувањето од приватен колекционер во 1961 година исчезнала од јавноста. Според музејот и Ројтерс, сегашниот сопственик неодамна го контактирал Рајксмузеум, по што било овозможено ново испитување и повторна атрибуција.
Делото е долгорочно отстапено на Рајксмузеум и е најавено за јавно изложување од 4 март 2026 година, што практично значи прво јавно претставување по повеќе децении.