Вечерва од 20:45 часот на домашен терен РК Вардар го игра најважниот меч од главната рунда во Европската Лига.
Македонскиот тим и двократен европски првак го пречекува тимот на Бенфика и само со победа може да се надева во пласман во следната рунда, затоа што по првата средба на гостински терен „црвено-црните“ беапоразени со пет гола разлика.
Тренерот на Вардар, Иван Чупиќ бара силна поддршка од публиката ветувајќи дека играчите ќе се оддолжат.
„Се надеваме дека ќе ја наполниме салата и ќе имаме убава вечер. Се надевам дека оставивме добра слика, а ќе запишеме победа и ќе ја исполниме целта да ја минеме главната фаза. Мора да го покажеме вистинското лице. Да се покажеме во подобро лице од првиот натпревар во Лисабон. Треба да имаме повеќе мотивација за овој натпревар, бидејќи Бенфика е еден од ретките тимови кои успеаја да не победат. Треба да имаме чувство дека сме останале должни кон нашиот клуб, нашите навивачи и на луѓето кои ќе дојдат во сала да заминат со убаво чувство“ рече тој.
За Чупиќ, овој натпревар со Бенфика е натпревар на „живот или смрт“
„За нас дуелот со Бенфика е „живот или смрт“. Немаме луксуз да бираме, во оваа Европска лига особено главната фаза, не можеш да гледаш со потценување кон ниту еден тим. Ние мора да бидеме „300% на час“, па кој ќе ни дојде, нека дојде. Нашата цел секако е титулата во јуни, меѓутоа треба да уживаме во секој ден, да работиме добро и на секој натпревар да се игра под ултиматум да се победи. Така пораснав и така играв, а сакам така да игра и мојот тим“, смета тренерот на Вардар.