Со сослушување сведоци предложени од Јавното обвинителство денеска во судницата во „Идризово“ продолжува судскиот процес за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
На претходното рочиште пред судијката Дијана Груевска-Илиевска во судницата во Идризово, сведоците ја опишаа брзината со која се ширел огнот и густиот чад што предизвикал стампедо. Придружниот вокал Ана Костадиновска и музичарот Горан Тонев, кои биле заедно со музичката група ДНМ, изјавија дека пиротехниката била веќе поставена на бината, но не можеа да потврдат кој точно ги активирал средствата. Вокалот на ДНК Панчо прв повикал на евакуација, но, според сведоците, првичната реакција на публиката била задоцнета поради неразбирање на сериозноста на ситуацијата.
Според сведочењата на двајца преживеани гости во клубот, по активирањето на прскалките се запалил дел од таванот, по што настанала паника и стампедо кон излезите.
Процесот се одвива под засилени безбедносни мерки, во присуство на обвинетите, роднини на жртвите и јавноста. Постапка се води против повеќе од 30 физички и три правни лица за тешки дела против општата сигурност.
Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а Обвинителството го застапува тим од 15 јавни обвинители.