Пазарот на недвижнини и туристичкото сместување во Дубаи влезе во драматична фаза откако градот стана цел на повторливи напади и закани со ирански дронови. Она што до вчера беше една од најскапите и најстабилни дестинации за краткорочно изнајмување, денес покажува знаци на паника: цените на сместувањата се урнаа до ниво што изгледа неверојатно дури и за нискобуџетни пазари.
Редакцијата на Рацин.мк ги спореди актуелните понуди на најпопуларните платформи за резервации booking.mk и airbnb.com. Во нормални услови, стандардните цени за апартмани и хотелско сместување во близина на центарот и Дубаи Марина најчесто се движат од 180 до 230 евра по ноќ за двајца. Денес, во истите зони може да се најдат понуди со „симболични“ суми – од околу 32 денари, па до 700 денари за ноќевање за двајца.

Овој пад не е само туристички куриозитет, туку сигнал за страв што ја суши побарувачката преку ноќ. Во град каде што краткорочното изнајмување е дел од инвестициската логика на целиот модел, секој ден со празни апартмани и празни хотелски соби се претвора во финансиски притисок, а секој нов напад или најава за напад ја зголемува потребата сопствениците итно да намалат цена – само за да имаат некаков прилив.
На политичко-економски план, ваквите „смешни“ цени се показател дека пазарот не се обидува да биде конкурентен, туку да преживее. Кога ризикот станува доминантна валута, цената не се формира според локација и квалитет, туку според страв. Дубаи живее од имиџ на безбедност, луксуз и непрекинато движење на капитал и туристи. Кога тој имиџ ќе се напукне, падот прво се гледа во сместувањето – најбрзата економска „термометарска“ категорија што реагира на шок.