Македонскиот пијанист од светски глас Симон Трпчески синоќа ја затвори сезоната на Државниот филхармониски оркестар на Солун. Во Церемонијалната сала на Универзитетот Аристотел под диригентската палка на маестро Милтос Логиадис, на програмата, освен дела од Респиги и Стравински, беше и популарниот Концерт за пијано и оркестар број 2 од Рахманинов. Топлиот прием од грчката публика, Трпчески го награди и со изведба на бис.
Грчкото оркестарско деби на нашиот пијанист се надоврза на серијата концерти која само во последниве 2 месеци го одведе на престижни сцени во Соединетите американски држави и Шпанија, регионално во Сараево и Љубљана, а во Женева настапи во ѕвездената камерна комбинација со најголемиот жив виолинист Максим Венгеров и еден од најпознатите виолончелисти на својата генерација Стивен Исерлис.
Синоќешниот прием е секако дополнителна инспирација плус за нашиот пијанист чија концертна турнеа наредниот месец освен настапите со МАКЕДОНИСИМО на фестивалите во Дојран, во Литванија и Германија, продолжува и во Љубљана со Словенечката филхармонија и диригентот Васили Петренко и во Осор, во Хрватска со Загрепските солисти.