Fashion Weekend Skopje ја истакнува модата како “културна архитектура”

Од 27 до 29 март 2026 година во „Дајмонд мол“ во Скопје се одржува 32‑то издание на Fashion Weekend Skopje, платформа што модата ја поставува како структурен елемент на културата и економијата, а не само како естетски настан. Според организаторите, ова издание, со поддршка на УНИ Банка како генерален партнер, ја нагласува модата како економска и културна сила што создава вредности, поттикнува дигитална трансформација и ја вградува одржливоста во деловната етика. 

Настанот претставува внимателно курирана програма што ги спојува утврдените имиња од македонската модна сцена со новата генерација дизајнери. Ревиите вклучуваат колекции од Роберт Ивановски („Origo“), Terziya („Вртлог“), студентски ревии од високообразовни институции, како и кураторски проекти што ја рефлектираат зрелоста и експерименталниот дух на локалниот дизајн. Кулминацијата на програмата е ревијата на Олгица Ѓоргиева, која ги сумира креативните тенденции на оваа сезона. 

Fashion Weekend Skopje 32 не се ограничува само на модни ревии, туку ја проширува дискусијата за модата како интегрален дел од културниот идентитет. Програмата вклучува меѓународно учество, со презентации на кинески модни и накит дизајнери поддржани од Амбасадата на Народна Република Кина, што ја отвара темата за синтеза на традиционални и современи естетики и модата како материјализирана историја што се носи на телото. 

Во рамки на настанот се презентираат и релевантни тематски проекти, како изложбата „3D & AI во модата“ финансирана од Европската унија, каде што се истражуваат пресеците меѓу модата, 3D технологијата и вештачката интелигенција, со вклучување на дела од локални креативци. Посебно внимание е посветено на одржливоста преку меѓународни соработки со дизајнери од нордиско‑балтичкиот регион, што ја потенцира модата не само како визуелен израз, туку и како системска стратегија за индустриски развој. 

Зачлени се на нашиот е-билтен