Во кои ситуации климата во автомобилот троши најмногу гориво? Мерењата на Revija HAK и тестовите на германскиот ADAC, покажуваат дека дополнителната потрошувачка најмногу расте кога возилото е во лер, потоа при градско возење, а најмал ефект има на отворен пат. Во просек, вклучената клима ја зголемува потрошувачката за околу 10 до 15 проценти, но разликите стануваат многу поизразени зависно од условите во кои се вози.
Најголемиот удар врз горивото се случува кога автомобилот работи во место. Според тестот на ADAC, токму во лер потрошувачката процентуално расте најмногу, и тоа за околу 70 проценти, односно приближно 0,4 литри на час. Во градски услови, каде што возилото често застанува, повторно тргнува и подолго време се движи со мала брзина, потрошувачката расте за околу 20 проценти. Надвор од град, при просечна брзина од околу 100 километри на час, дополнителната потрошувачка е значително пониска и изнесува околу шест проценти.
Разликата не зависи само од патот, туку и од самиот систем за ладење. ADAC наведува дека автоматските климатизери, кога работат во „Auto“ режим, се поштедливи од полуавтоматските и рачните системи, затоа што самостојно ја регулираат температурата и не трошат повеќе енергија отколку што е потребно. Кај автоматските системи дополнителниот трошок може да се сведе на околу пет до шест проценти, додека едноставните рачни системи во град и во лер трошат натпросечно повеќе.
Препораката што произлегува од тестовите е возилото прво да се проветри, а потоа климата да се користи умерено и со разумно наместена температура, најчесто меѓу 21 и 23 степени. Истовремено, отворените прозорци не се секогаш поевтина алтернатива, бидејќи и тие го зголемуваат отпорот на воздухот и можат да ја кренат потрошувачката, особено на повисоки брзини. Затоа, кога станува збор за горивото, најнеисплатлива комбинација останува жешко време, градски метеж и автомобил што долго работи во место со вклучена клима.