Политичката сцена во Словенија влезе во нов скандал откако на анонимната Фејсбук-страница „Maske padajo #nismofejk“ почнаа да се објавуваат аудиоснимки од наводни разговори меѓу поранешни и сегашни функционери на владејачкото Гижење Слобода. Дополнителна тежина на случајот му дава фактот што, според податоците за транспарентност на самата страница, примарната држава или регион на администраторите вклучува Северна Македонија, а словенечките медиуми наведуваат дека тоа упатува на тројца администратори од Македонија. Страницата била отворена на 16 август под името „Dvogled“, а на 4 март годинава е преименувана во „Maske padajo #nismofejk“.
Содржината што се објавува веќе предизвика силни политички потреси, бидејќи во дел од снимките како главна фигура се појавува поранешната генерална секретарка на партијата Весна Вуковиќ. Во една од објавите таа наводно зборува дека парламентарната истражна комисија била важна за партијата за на Јанша „засекогаш да му се каже дека е криминалец“, а во друга дека министерката за инфраструктура Аленка Братушек „краде“ на проектот за вториот колосек Дивача–Копер. Од бројките кај објавите, словенечките медиуми проценуваат дека групата што ги пушта снимките располага со повеќе од 400 материјали и најавува нови објави до изборите.
Најважно во овој момент е што автентичноста на снимките сѐ уште не е потврдена. Словенечката полиција за Н1 изјавила дека ја проверува нивната веродостојност и дали постојат основи за сомнеж за сторено кривично дело, што значи дека истрагата во моментов е насочена и кон прашањето дали станува збор за нелегално снимени разговори, монтирани материјали или содржини обработени со алатки за вештачка интелигенција. Токму поради тоа, случајот веќе не е само медиумски спектакл, туку и институционално прашање со можни правни последици.
Од власта во Љубљана реагираа со оспорување на содржината. Гижење Слобода тврди дека станува збор за преработени и со вештачка интелигенција манипулирани снимки, дел од валкана предизборна кампања, додека Братушек порача дека изнесеното е апсурдно и спротивно на нејзините вредности. Кабинетот на владината генерална секретарка Барбара Коленко Хелбл соопшти дека таа не била дел од разговор со содржината што се пласира јавно, а премиерот Роберт Голоб изјави дека во време на социјални мрежи и вештачка интелигенција веќе не верува лесно во автентичноста на вакви материјали.
Случајот затоа отвора две паралелни приказни. Првата е дали снимките се вистински и дали откриваат длабоки пукнатини и злоупотреби во врвот на словенечката власт. Втората е кој стои зад каналот што ги пласира и зошто токму сега, во чувствителен предизборен период. Засега е сигурно само дека една страница со администраторска трага до Македонија успеа да внесе нова нестабилност во словенечката политичка арена, а конечниот одговор дали станува збор за вистински „бомби“ или за дигитално режирана операција ќе зависи од истрагата.