Пленковиќ: Ќе ги предупредиме партнерите од НАТО дека Србија има нова суперсонична ракета

Пленковиќ

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ синоќа изјави дека Загреб ќе ги предупреди партнерите од НАТО за новата суперсонична ракета CM-400 од кинеско производство, која, според медиумските извештаи, наводно е во сопственост на српските вооружени сили.

„Ќе разговараме со нашите партнери во НАТО и ќе ги предупредиме за таквото оружје, кое е ново во арсеналот на српските вооружени сили“, рече Пленковиќ, пренесува Хина.

Тој нагласи дека Хрватска не очекува дека Србија, во која било варијанта, би можела да биде во позиција да користи хиперсонични ракети против соседните земји.

Тој додаде дека ова е „сериозно оружје“ за кое Хрватска ќе разговара со своите партнери од НАТО.

„Хрватска е членка на НАТО и ние ги следиме процесите што се случуваат во Србија. Во секој случај, не очекуваме дека поседувањето на толку сериозно оружје во кој било сценарио би можело да доведе до негова употреба против соседните земји, Хрватска или друго“, рече Пленковиќ.

Во претходните денови, некои медиуми објавија дека српската армија поседува суперсонична ракета CM-400 произведена во Кина.

Фотографијата со новите ракети што ги носат авионите МиГ-29 беше објавена на 9 март на воениот форум „MyCity Military“.

Србија е само третата земја во светот што ги поседува овие ракети.

Американскиот специјализиран портал „Militari Voch“ објави дека српската армија е првата вооружена сила во Европа што се здобила со хиперсонични балистички ракети.

Зачлени се на нашиот е-билтен