Завршува зимското сметање на времето, а стрелките на часовниците ќе се поместат еден час нанапред во последната недела од март. Промената ќе се случи во недела, на 29 март 2026 година, во 02:00 часот по полноќ, кога времето ќе се помести на 03:00 часот, што значи дека ноќта ќе биде пократка и граѓаните ќе спијат еден час помалку.
Со ова започнува летното сметање на времето, кое во Македонија и во повеќето европски земји традиционално се применува во текот на пролетта и летото. Целта на оваа практика е подобро искористување на дневната светлина, односно подолги и посветли попладниња, што влијае врз секојдневниот живот, работното време и навиките на луѓето.
Поместувањето на часовниците се случува секоја година во последната недела од март, кога во 02:00 часот стрелките се поместуваат на 03:00. Со тоа денот формално трае 23 часа, но затоа вечерната светлина се задржува подолго, што значи подолги попладниња и повеќе природна светлина во текот на денот.
Летното сметање на времето ќе трае до крајот на октомври. Во 2026 година, часовниците повторно ќе се поместат наназад на 25 октомври, кога Европа повторно ќе се врати на зимското сметање на времето.
Практиката на сезонско менување на времето се применува во многу земји на северната хемисфера и е воведена со цел подобро искористување на дневната светлина и потенцијално намалување на потрошувачката на енергија. Сепак, во последните години во Европа се води дебата дали оваа практика треба да продолжи или трајно да се укине.