Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, денес изјави дека за Европската Унија проширувањето, односно влезот на земјите од Западен Балкан, Украина и Молдавија, е главен приоритет, но дека мора да се спроведат бројни реформи за да се исполнат сите Копенхашки критериуми, бидејќи проширувањето се базира на заслуги.
Во интервју за European Newsroom (ENR), тој рече дека ЕУ мора да има чувство и за итноста на проширувањето, поради што треба да се разгледаат внатрешните реформи, односно што треба да се направи внатрешно по ова прашање, пренесува Танјуг.
„И потоа мора да го управуваме овој процес на проширување со многу креативност и без откажување од нашите критериуми, засновани на заслуги, туку со огромно чувство на итност. За да го реализираме ова, сметам на целосна соработка од 27-те земји-членки и осумте земји-кандидатки“, одговори Кошта на прашањето дали е можно некои земји од Западен Балкан да се приклучат кон ЕУ до 2030 година.
На прашањето дали би го поддржал членството на земја-кандидат во ЕУ без право на вето, што го поддржуваат Албанија и Србија, Кошта вели дека ако се погледнат претходните седум процеси на проширување, во сите нив имало некои преодни клаузули, привремени клаузули, клаузули за прогресивна интеграција и истакнува дека сигурно ќе биде потребен одреден преоден период во претстојното проширување.
Кошта, исто така, истакнува дека најважно е да се зачува единството на ЕУ и да се обезбеди единство во различноста.
„Не ми се допаѓаат изрази како две брзини на различни концентрични кругови, но всушност нашата унија е веќе унија со различна геометрија. Некои земји-членки не се во Шенген-зоната, други не се во еврозоната, други не се ниту во еврозоната ниту во Шенген-зоната, а во иднина можеме да замислиме дека некои земји-членки нема веднаш да влезат во сите овие димензии на унијата, а некои членки што веќе се во унијата ќе им дозволат да се повлечат, бидејќи е јасно дека некои земји-членки воопшто не се задоволни од нивото на интеграција што го постигнавме. Мора да ја заштитиме нашата Унија, нашето единство, а потоа мора да бидеме пофлексибилни во рамките на овој заеднички дом на Европејците“, рече Кошта.