Синдикат: Војниците живеат во руини, „лебарки шетаат по лебот“

Независниот синдикат на професионални војници алармира за, како што велат, катастрофални услови во дел од армиските објекти, обвинувајќи дека реалната состојба е далеку од сликата што институциите ја прикажуваат во јавноста.

Според синдикатот, додека се промовираат реновирани капацитети, најголем дел од војниците престојуваат во објекти кои потекнуваат уште од времето на поранешната ЈНА и со децении не биле обновени.

Претседателот на синдикатот, Александар Насковски, тврди дека во дел од касарните условите се недостојни, со сериозни проблеми со хигиената и одржувањето. Како што посочува, во најголемата касарна во државата има ситуации каде „лебарките се шетаат по лебот“ што им се дели на војниците.

Од синдикатот велат дека ваквата состојба трае со години и дека во дел од објектите „не е ставена ни една шајка“ повеќе од три децении. Дополнително, тие посочуваат и на други проблеми, како лоши санитарни услови, појава на болести и дотраена опрема за престој.

Во нивните реакции се наведува дека паралелно со ова, Министерството за одбрана води кампања за прикажување на модернизација на Армијата, што според синдикатот не ја одразува реалната состојба на терен.

Засега нема официјален одговор од надлежните институции на обвинувањата на синдикатот. Темата за условите во Армијата и претходно беше актуелна, а синдикатот во неколку наврати поднесуваше и пријави за состојбите и управувањето во системот.

Зачлени се на нашиот е-билтен