Лажен „инспектор“ измамил жена од Прилеп за 3.000 евра

фото: Мета.мк

Полицијата уапси 46-годишен маж од Скопје осомничен за измама, откако со лажна приказна успеал да извлече илјадници евра од жена од Прилеп.

Според информациите од Министерството за внатрешни работи, измамата се случила на 4 ноември минатата година, кога осомничениот телефонски ја контактирал жената и лажно се претставил како инспектор кој наводно работи во странство.

Тој ѝ соопштил дека нејзините внуци предизвикале тешка сообраќајна несреќа во која загинало дете и дека е потребна итна парична помош за „да се среди случајот“ и еден од нив да не заврши во затвор.

Исплашената жена поверувала во приказната и оставила 2.000 евра и 1.000 долари на договорено место, по што измамникот ги подигнал парите.

По преземени мерки од полицијата, лицето било пронајдено и лишено од слобода, а по изведување пред судија на претходна постапка му е одреден притвор.

Од МВР апелираат граѓаните да бидат внимателни на вакви телефонски измами, особено кога се бара итно да се дадат пари под притисок и страв. Овој тип измами, во кои сторителите се претставуваат како полицајци или службени лица и користат приказни за сообраќајни несреќи со блиски роднини, се повторуваат со години и најчесто таргетираат постари лица.

Зачлени се на нашиот е-билтен