Случајно или не, обновениот интерес за наводното следење на Мицкоски се совпаѓа назначувањето на новиот државен обвинител

Мицкоски

Случајно или не, обновениот интерес за наводното следење на Христијан Мицкоски како опозициски лидер, се совпаѓа со назначувањето на Ненад Савескиза за нов државен обвинител.

Порталот Скопје1.мк денеска објави дека по речиси една година од поднесувањето на известувањата од АНБ до Обвинителството за гонење организиран криминал и коруцпија, предметот за незаконско следење на тогашниот опозициски лидер, а сега премиер Христијан Мицкоски, како и на повеќе медиумски работници, сè уште е заглавен во предистражна постапка.

Од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција за „Скопје1“ изјавиле дека се прибираат податоци и се проверуваат наводите, но не откриваат дали има осомничени лица, ниту дали се опфатени оперативци или поранешни директори.

„Предметот се наоѓа во фаза на предистражна постапка. Се преземаат дејствија за проверка на наводите во пријавите и прибирање на потребните податоци и докази. Во интерес на постапката и законските ограничувања, во оваа фаза не можеме да споделиме информации за евентуален статус на лица“, велат од Обвинителството, објави Скопје1.мк.

Во периодот на кој се однесуваат наводите, со АНБ раководеле Виктор Димовски и Заре Милошевски.

Димовски: Мицкоски не бил таргет на прислушување

Да потсетиме дека поранешниот директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) Виктор Димовски во септември минатата година, веднаш откако беше објавено наводното следење, демантирашет дека премиерот Христијан Мицкоски бил следен и прислушкуван во времето кога тој бил директор на Агенцијата за национална безбедност.

Тој преку својот Фејсбук-профил, одговори за наводите за злоупотреби во Агенцијата што биле правени во периодот додека тој раководел со службата, а се однесуваат на следење и прислушување на тогашниот лидер на опозицијата, а сега актуелен премиер Христијан Мицкоски, како и на бизнисмени и новинари.

„Во текот на вчерашниот ден од страна на премиерот и од актуелниот директор на Агенцијата за национална безбедност беа изнесени сериозни обвинувања за наводна злоупотреба на државни ресурси за прислушкување на поранешниот лидер на опозицијата (сега премиер), бизнисмени и новинари од страна на АНБ и Агенцијата за разузнавање. Со оглед на тоа што во претходен брифинг за медиуми во АНБ бил споменат периодот од 2019 до 2024 година во дел од кој и јас ја извршував должноста директор на АНБ, одговорно тврдам дека тој како лидер на тогашна опозициона партија во периодот од 2019 -2022 година не бил предмет на посебен оперативен интерес на Агенцијата, не бил предмет на организирана оперативна работа, а со тоа ниту таргет кон кого биле применувани било какви оперативно-технички мерки“, наведува Димовски во својата објава на Фејсбук.

Димовски уште тогаш го повика актуелниот директор на АНБ, Бојан Христовски да ги декласифицира документите за наводни злоупотреби, особено оние кои се однесуваат на Мицкоски.

„Со оглед на сериозноста на изнесените наводи на синоќешниот прес и на претходниот брифинг во АНБ го повикувам директорот на Агенцијата веднаш и неодложно да ги декласифицира документите за наводни злоупотреби, а особено тие кои се однесуваат на прислушкување на тогашниот лидер на опозицијата. Македонската јавност има право да знае кој тоа предлагал, барал, одобрувал и кој ги извршувал наводните прислушкувања! Очекувам дека овојпат нема да има криење со изговори од типот „класифицирани информации со степен на државна тајна”, посебно после последните неколку објави во некои „информирани медиуми” кои лифериваат конкретни имиња на лица кои наводно биле таргет на Агенцијата, вклучително и податоци за идентитетот на вработени и тајни соработници“, наведе тогаш во објавата на Фејсбук, поранешниот директор на АНБ Димовски.

Зачлени се на нашиот е-билтен