БРТ ќе се движи по крајните ленти на булеварите

Трасата на идниот брз автобуски превоз во Скопје ќе се поставува по крајните ленти на булеварите, а не низ средишното зеленило, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски по средба со проектантите на системот. Според него, со таквото решение треба да се избегне зафаќање на централните зелени појаси и да се намали ризикот за водоснабдителната инфраструктура.

Од Градот најавуваат и дополнително зеленило, кое треба да служи како природна бариера меѓу БРТ-коридорот и останатиот сообраќај. Во изјавата по средбата, Ѓорѓиевски рече дека новиот концепт предвидува одвоени ленти, приоритет на раскрсници и почеста фреквенција на возилата, со цел јавниот превоз да стане побрз и попредвидлив.

Проектот повторно се актуализираше откако Владата на 24 март донесе одлука да го поддржи Град Скопје во реализацијата на БРТ, со 70 милиони евра обезбедени преку Европската банка за обнова и развој. Според објавените информации, средствата ќе му бидат пренесени на Град Скопје, а како рок за завршување е поставен февруари 2029 година.

Во официјалната проектна рамка на ЕБОР се наведува дека системот ќе се реализира во две фази и ќе опфати две линии, источна-западна и северна-јужна, набавка на нова флота и изградба на депо. Банката наведува дека проектот треба да го подобри јавниот превоз и да помогне во намалување на загадувањето во Скопје, кое со години е меѓу најзагадените градови во Европа.

Зачлени се на нашиот е-билтен