Џамбазов за Рацин.мк: Станав претседател на ФК Дојранско Езеро за да ги вратиме старите успешни времиња

Џамбазов

Во кус разговор за Рацин.мк, популарниот Игор Џамбазов ја корегира информацијата дека го купил ФК Дојранско Езеро и појаснува точно за што станува збор.

„Не е баш дека сум го купил. Станав претседател на клубот, на кој му е потребно освежување во управувачката структура, засилување на играчкиот кадар и враќање на старите, успешни времиња кога ФК Дојранско езеро играше во втората македонска лига“, изјави за нашиот онлајн медиум Џамбазов.

Тој вели дека е свесен дека ќе има многу работа и дека е подготвен да го прифати предизвикот. Ја истакнува поддршката на општината и на градоначалникот на Дојран.

„Ќе има многу работа. Општината и градоначалникот ни излегоа во пресрет, ќе имаме нивна поддршка, но јас како претседател ќе морам да побарам помош и од локалните фирми, но и од некој од големите, познати македонски брендови“, посочува Џамбазов.

Во разговорот со него тој открива уште една голема мотивација за овој негов чекор.

„Ова го правам од љубов и кон Дојран, но особено кон клубот во кој кариерата ја заврши мојот голем пријател, легендарниот Благој Истатов. Се надевам дека ќе бидам успешен во сето она што го замислив и си го поставив како цел“, нагласи Џамбазов во разговорот.

Игор Џамбазов веќе подолго време живее во Дојран и дојранчани веќе одамна го препознаваат како посветен сограѓанин кој на повеќе начини ја помага и афирмира локалната заедница во повеќе аспекти.

Зачлени се на нашиот е-билтен