Андоновски: За ЕУ роамингот ветив и ќе бидеме прва држава која ќе ги исполни задачите

Андоновски

За ЕУ роамингот ветив и ќе бидеме прва држава која ќе ги исполни задачите. Македонија ќе биде првата земја во регионот која ќе ги исполни обврските за укинување на дополнителните трошоци за роаминг во ЕУ, рече министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, во гостување во емисијата Клик Плус на ТВ21.

Тој објасни дека граѓаните нема да плаќаат дополнително за повици, пораки и интернет додека патуваат во земјите од Европската Унија.

„Тоа значи нема да плаќате дополнително кога сте во ЕУ. Балканскиот модел на роаминг сакаме да го пресликаме и за ЕУ. Ние ја завршивме својата работа, го испративме текстот до ЕУ за мислење и ќе го изгласаме во Собранието“, изјави Андоновски.

Министерот додаде дека пред две недели добиле нови прашања од Европската Унија, но дека планот останува непроменет и земјата е подготвена да ја финализира законската регулатива за укинување на роаминг трошоците.

Во контекст на ЕУ интеграцијата, пак, Андоновски истакна дека државата не се откажува од европскиот пат, но дека секој следен чекор ќе морал да биде проследен со јасни гаранции.

„Не би можел да кажам дека се откажуваме од ЕУ. Нашиот став е принципиелен и се држиме дека било каква промена и чекор од македонска страна ќе мора да биде со гаранција. Немаме отпочнато преговори, не отвораме кластери, а од нас цело време се бараат некои отстапки, на штета на македонските национални интереси“, истакна Андоновски.

Зачлени се на нашиот е-билтен