Владата ги информирала сојузниците во НАТО и во ЕУ за обид за дестабилизација од страна на опозицијата за време на вчерашниот протест во Скопје, на кој студенти бараа полагањето на правосудниот испит да се спроведува и на албански јазик, соопшти денеска премиерот Христијан Мицкоски, велејќи дека присуството на голем број опозициски активисти и високи функционери му дале политичка конотација на вчерашниот протест.
„Вчера видовме голем број на опозициски и активисти и високи функционери кои беа на протестот, давајќи му и политичка конотација. Ние за тоа ги информиравме нашите сојузници и во НАТО и во Европската Унија за обид на опозицијата на одреден начин да направи дестабилизација и мислам дека тоа не наиде на одобрување од високи преставници на меѓународната заедница“, изјави Мицкоски одговарајќи на новинарско прашања.
Протестот беше поддржан и од албанските политички партии. Додека опозициските партии беа присутни на протестот, владејачките партии ја изразија својата поддршка од далечина. Генералниот секретар на ДУИ, Арбр Адеми, рече дека ако ова прашање не е решено 30 години, зошто да не се реши денес.
Поранешниот министер и функционер на ДУИ, Бујар Османи отиде уште подфалеку и обвини дека постои континуирана и, како што рече, „добро осмислена политика“ за поткопување на Законот за употреба на јазиците.
Османи тврди дека уште во минатото пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се обиделе физички да го спречат донесувањето на законот, а подоцна истиот бил оспорен пред Уставниот суд.
Според него, по доаѓањето на власт, ВМРО-ДПМНЕ ја „инструментализирало“ Уставен суд на Република Македонија со цел, како што вели, да се затвори ова прашање.
Тој посочи дека се прават институционални чекори кои, според него, водат кон слабеење на примената на албанскиот јазик, вклучително и, како што наведе, намалување на надлежностите на инспекторатот, маргинализирање на агенциите и отстранување на јазикот од официјални документи и ознаки.
Османи предупреди дека, како што рече, се подготвува наратив за измена на клучните одредби од законот, оценувајќи дека станува збор за долгорочен и координиран процес.
Во обраќањето, тој повика на обединување и поддршка за студентите кои протестираат, нагласувајќи дека прашањето за јазикот ги надминува партиските разлики.
„Јазикот не е на никого поединечно, туку е резултат на генерациска борба. Денес треба да бидеме заедно – не само Албанците, туку сите граѓани кои сакаат еднаква и европска држава“, порача Османи.
За ова прашање денеска се произнесе и СДСМ на прес конференција на потпретседателката на СДСМ Јована Тренчевска која рече дека треба да се најде решение.
„Дефинитивно треба да се најде решение за да може секој да ужива во основните човекови права за она што е согласно закон. Меѓутоа, она што е проблем и што главни инспиратори на сите овие поделби се токму Мицковски и Владата. Денеска го слушнавме низ медиумите дека ќе пријавел во НАТО и во ЕУ за ова. Ете да му порчаме на Мицкоски тој да се пријави и во НАТО и во ЕУ, затоа што тој ја дестабилизира состојбата во државата. Овие прашања беа затворени прашања, но откако владата а на Мицковски и владата на ВМРО е на власт, повторно се поставуваат прашања за поделби“, истакна Тренчевска