Лидерот на унгарската опозиција, Петер Маѓар, чија партија оствари убедлива победа на парламентарните избори, денеска изнесе сериозни обвинувања на адреса на министерот за надворешни работи Петер Сијарто, тврдејќи дека во Министерството се уништуваат доверливи документи поврзани со санкциите кон Русија.
Контроверзиите околу Сијарто започнаа уште во изборната ноќ, кога тој не се појави на обраќањето на премиерот Виктор Орбан, кој тогаш го призна изборниот пораз. Неговото отсуство предизвика шпекулации во јавноста, а дел од медиумите и социјалните мрежи дури сугерираа дека ја напуштил земјата.
Дополнителен сомнеж предизвика и информацијата дека државен авион утрото по изборите полетал од Будимпешта. Сепак, подоцна беше потврдено дека Сијарто е во Унгарија – новинарите го фотографираа пред зградата на Министерството за надворешни работи.
Во денешното обраќање, Маѓар изјави дека добил информации „одвнатре“ дека Сијарто се наоѓа во Министерството и дека, заедно со соработници, уништува документи.
„Известен сум дека во моментов се сечат документи поврзани со санкциите. Тоа нема да им помогне, но покажува каква е ситуацијата во државата“, рече Маѓар.
Тој нагласи дека ваквите материјали се клучни за разбирање на одлуките на досегашната власт, додавајќи дека постојат бројни меѓународни договори и финансиски аранжмани за кои јавноста нема увид.
„Има многу тајни договори и кредити земени под непознати услови. Една од нашите први задачи ќе биде да дојдеме до целосната документација“, истакна Маѓар, најавувајќи дека новата власт ќе објави сè што е од јавен интерес.
Обвинувањата доаѓаат во момент кога Сијарто веќе подолго време е предмет на критики поради наводни блиски врски со Москва. Според претходни медиумски извештаи, унгарски претставници наводно споделувале чувствителни информации од состаноци на Европската Унија со рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров.
Во меѓувреме, Маѓар упати повик до претседателот Тамаш Шулјок што побрзо да ја свика конститутивната седница на парламентот, потенцирајќи дека транзицијата на власта не смее да се одолговлекува.
Случајот дополнително ја засилува политичката тензија во Унгарија по историскиот изборен пресврт.