Зеленски во Берлин: Не се согласуваме за „лесно“ членство во ЕУ и НАТО

Германија и Украина сакаат дополнително да ја продлабочат политичката и воената соработка и да ги подигнат своите билатерални односи на ниво на стратешко партнерство, беше објавено по германско-украинските консултации на владино ниво денес во Берлин.

„Со нашата поддршка за Украина, истовремено ги зајакнуваме германските и европските одбранбени капацитети и нашата индустриска база“, рече германскиот канцелар Фридрих Мерц на заедничката прес-конференција со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Во рамките на состанокот меѓу претставниците на германската и украинската влада беа потпишани неколку договори за соработка во областа на одбраната и писмо за намера за помош во обновата на индустријата. Министрите за одбрана на Германија и Украина потпишаа и договори за соработка во изградбата на беспилотни летала со среден и долг дострел, а Германија вети дека ќе финансира „неколку стотици“ ракети „Патриот“.

Мерц објасни дека помагањето на Украина е исто така инвестиција во сопствените одбранбени способности.

„Она што го постигнуваме преку оваа соработка не е само корисно за одбраната на Украина, туку е од особено значење за нас и нашата безбедност“, објасни Мерц, додавајќи дека искуствата на Украина во одбранбената војна против Русија се од голема корист и за Германија и за остатокот од Европа.

Мерц ја поддржа Украина за членство во ЕУ

Германскиот канцелар ја повтори својата поддршка за аспирациите на Украина за членство во Европската Унија, но во исто време нагласи дека „двете страни се свесни“ дека овој процес нема да се случи брзо.

Володимир Зеленски ѝ се заблагодари на Германија за досегашната помош, но во исто време нагласи дека Украина нема да биде задоволна со некаков облик на „лесно“ членство во Европската унија и НАТО. „И на Европската унија и на НАТО им е потребна Украина како полноправен партнер“, нагласи Зеленски.

Двајцата државници изразија надеж дека откако унгарскиот премиер Виктор Орбан ќе ја напушти власта, Унгарија ќе го укине ветото за исплатата на заемот од 90 милијарди евра што ЕУ го намени за Украина. Мерц рече дека Русија мора да биде свесна дека Украина ќе може да ја финансира својата одбрана на долг рок.

Зачлени се на нашиот е-билтен