Герасимовски: Отстранети дивите тезги кај Старата чаршија

Општина Центар во текот на ноќта спроведе вонреден инспекциски надзор и донесе решение за демонтирање на бесправно поставените објекти. Станува збор за импровизирани тезги на кои се продавале бижутерија и сувенири, а по наложената мерка, лицата самостојно ги отстраниле објектите.

Со оваа акција е расчистен еден од најфреквентните влезови во чаршијата, простор што подолго време бил заземен со нелегално поставени штандови. Според соопштението од градоначалникот Горан Герасимовски, со нивното отстранување повторно се ослободува преминот за пешаците и се враќа поуреден изглед на просторот на самиот влез во чаршијата.

Потегот доаѓа како дел од поактивен пристап на Општина Центар кон јавниот ред и урбаното уредување, особено на локации со голема фреквенција на граѓани и туристи. Во објава за акцијата, Герасимовски порача дека општината нема да дозволи јавниот простор да остане узурпиран со импровизирани објекти што го нарушуваат движењето и визуелниот изглед на овој дел од градот.

Од Општина Центар најавуваат дека контролите продолжуваат и во наредниот период, со фокус на зачувување на јавниот ред, урбаниот изглед и безбедноста на граѓаните. Со вакви интервенции, општината испраќа порака дека бесправното заземање на јавен простор нема да се толерира, особено на локации што имаат посебно значење за секојдневниот живот и за препознатливиот лик на Скопје.

Зачлени се на нашиот е-билтен