Вилијам Шекспир повторно е во фокусот на јавноста откако ново истражување ја утврди точната локација на неговата куќа во Лондон.
Иако најпознат како драматург од Стратфорд на Ејвон, Шекспир голем дел од својот творечки живот го поминал во британската престолнина, каде што и стекнал слава. Сепак, малку конкретни податоци досега постоеја за неговото живеалиште во Лондон.
Новопронајдена мапа од 17 век, заедно со архивски документи, за првпат прецизно ја лоцира единствената куќа што Шекспир ја поседувал во градот, каде што, според проценките, можеби работел на некои од своите последни драми.
Истражувањето го спровела професорката Луси Манро од Кралскиот колеџ во Лондон, која во лондонските архиви пронашла клучни документи поврзани со имотот купен од Шекспир во 1613 година.
Документите откриваат дека имотот се наоѓал во денешниот источен дел на Ајрленд Јард, долниот дел на улицата Бургон, како и во околните објекти на адресите Бургон 5 и Сент Ендрус Хил 5.
Со ова откритие, постојната спомен-плоча на Шекспир во областа повеќе не се смета само за приближна локација, туку за точно место каде што некогаш стоела неговата куќа.
Дел од документите се однесуваат и на продажба на имот во областа Блекфајерс, која во 1665 година ја извршила неговата внука.
Сепак, не е целосно јасно дали Шекспир навистина живеел во оваа куќа или само ја изнајмувал. Истражувачите сметаат дека нејзината локација, на само неколку минути од театарот Блекфајерс, укажува дека тој можеби поминувал значително повеќе време во Лондон кон крајот на својот живот отколку што досега се претпоставувало.
Се верува дека токму таму можеби работел на делата „Хенри VIII“ и „Два благородни роднини“, напишани во соработка со Џон Флечер.
Вилијам Шекспир починал во 1616 година во Стратфорд на Ејвон, на 52-годишна возраст.