СДСМ: Се кочи екстрадицијата на Груевски, институциите се под притисок

Филипче

СДСМ денеска обвини дека власта намерно ја одолговлекува постапката за екстрадиција на Никола Груевски, оценувајќи дека државата сè уште нема поднесено ново барање и дека со тоа му се остава простор повторно да се оддалечи од дофатот на правдата. Партијата побара одговор од Министерството за правда до каде е постапката и дали документите се веќе подготвени.

Темата повторно се отвори по изјавите од Унгарија дека земјата повеќе нема да биде засолниште за лица кои бегаат од правдата, по што и во Скопје се засилија барањата за нов институционален потег. Во таа насока, лидерот на СДСМ, Венко Филипче, веќе неколку дена јавно повикува власта веднаш да побара екстрадиција на поранешниот премиер.

Од Министерството за правда, пак, претходно соопштија дека ќе ги побараат сите списи од надлежните судови и обвинителства за предметите поврзани со Груевски и дека понатаму ќе постапуваат согласно закон. Во дел од медиумските извештаи, повикувајќи се на информации од Министерството, беше наведено и дека старото барање за екстрадиција од 2018 година, дополнето во 2019 година, формално сè уште се води како активно.

Во меѓувреме, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека не знае дали Груевски ќе се врати, но дека ако се појави во земјава, ќе биде спроведен на издржување затворска казна врз основа на правосилната пресуда. Така, политичката расправа околу екстрадицијата сега се префрла врз прашањето дали институциите ќе останат на прибирање документација или ќе следи конкретен формален чекор кон Будимпешта.

Зачлени се на нашиот е-билтен