Планот на американскиот претседател Доналд Трамп за изградба на монументална триумфална капија на влезот во Вашингтон доби почетно одобрување од американската Комисија за ликовни уметности, со што проектот влезе во нова, но сè уште не и финална фаза. Станува збор за концептуално решение, а ажурираниот дизајн допрва треба повторно да се разгледува пред конечно гласање.
Според предложениот дизајн, капијата би била висока околу 76 метри, со фигура налик на Статуата на слободата на врвот, два орли од страните и четири лава во основата, додека на неа би стоеле и натписите „One Nation Under God“ и „Liberty and Justice for All“. Белата куќа објаснува дека висината од 250 стапки симболично треба да ја означи 250-годишнината од постоењето на САД.
Капијата е планирана на локација кај Меморијалниот мост, меѓу Линколновиот меморијал и Арлингтон, а токму тоа отвори силни реакции. Критичарите предупредуваат дека ваков објект би ја нарушил историската визура на еден од најчувствителните меморијални простори во американската престолнина, поради што веќе е поднесена и тужба од ветерани, жители од областа и историчари.
Темата добива дополнителна тежина и поради правниот спор околу тоа дали ваков проект воопшто може да се турка без одобрение од Конгресот. Reuters објави дека федерален судија веќе остро го довел во прашање овластувањето на Трамп да постави ваков споменик на федерално земјиште, додека администрацијата тврди дека за локацијата постоеле постари овластувања. Така, триумфалната капија засега останува повеќе политички и симболичен проект отколку извесна градба.