СДСМ: Љутков да излезе од туристичката разгледница и да се соочи со реалноста

Комисијата за култура на партијата СДСМ реагира на работењето на министерот за култура, Зоран Љутков.

„Министерот Зоран Љутков повторно се обидува да се претстави како двигател на културните процеси, овој пат од Стоби, локалитет кој со години се развиваше преку системска работа, стручност и визија, а не преку дневна ПР-пропаганда.

Да бидеме јасни, клучните проекти што денес се претставуваат како „нови успеси“ , вклучително и адаптацијата на Старата железничка станица во Центар за посетители и заштитата на Теодосијанската палата, се обезбедени, планирани и финансирани во време на владеењето на СДСМ.

Уште повеќе, дел од овие активности воопшто не произлегуваат од актуелната програма и Буџет на Министерството за култура, туку се резултат на меѓународни партнерства воспоставени во претходниот период:

Проектот за конзервација на Теодосијанската палата, кој вклучува обука за конзерватори и изработка на двојазична публикација, е поддржан од Џ.М. Каплан фондот и се реализира во соработка со Фондација Балканско наследство од Стара Загора. Овој проект е започнат уште во 2022 година.

Проектот „Еуропос Платино Стоби – Европското минато и иднина на културните вредности“ е финансиран преку Европска комисија, во рамки на ИПА прекуграничната програма Грција – Македонија, започнат во 2021 година.

Овие факти јасно покажуваат дека станува збор за континуитет на политики и инвестиции воспоставени во време на СДСМ, а не за нова визија на актуелното раководство на чело со туристот Љутков. Денес гледаме класичен пример на китeње со туѓи перја“ наведуваат од СДСМ.

Од СДСМ реагираат за колективниот договор за културните работници.

„Додека министерот позира на археолошки локалитети и зборува за „приоритети“, во исто време води директен удар врз темелите на културниот систем ,врз Колективниот договор за култура. Договор кој обезбедува достоинство, сигурност и минимум услови за работа на културните работници.

Во момент кога вработените во културата излегуваат на протести, кога јавно предупредуваат дека им се одземаат стекнати права, министерот демонстрира целосно отсуство на емпатија. Наместо дијалог и решенија имаме молк и ПР-тури.

Ова не е културна политика. Ова е политичка симулација на грижа за културата.

Културното наследство не се брани со фотографии и соопштенија, туку со почит кон луѓето кои го создаваат, чуваат и пренесуваат. Без нив и Стоби, и секој друг локалитет се само празна сцена за политички маркетинг.

Комисијата за култура на СДСМ јасно порачува: културата нема да биде параван за неспособноста и игнорирањето на културните работници.

Време е министерот да излезе од туристичката разгледница и да се соочи со реалноста“ се наведува во реакцијата од СДСМ.

Зачлени се на нашиот е-билтен