Пратеничката група на СДСМ поднесе интерпелација за министерот за земјоделство Цветан Трипуновски, информираше денес на прес конференција пратеникот Љупчо Николовски.
„Веќе две години земјоделците се жртви на неспособните и криминални политики на Министерството и на актуелниот министер. Наместо политики за развој на земјоделството, наместо повисоки субвенции, наместо да се креираат нови мерки за поддршка, наместо да се креираат нови програми, како што сето тоа го правевме претходно, во овие две години Трипуновски го доведе земјоделството до колапс – од незнаење, неспособност, злоба и со закани и притисоци.
Се кратеше на сите страни, од сите програми и од сите мерки. Не само што се кратеше, туку цели мерки и програми за земјоделците се укинати или суспендирани.
ВМРО и Трипуновски го претворија Министерството во своја приватна фирма за бизнис и партиски интереси, за доделување песок и сè она што ним им е битно. За две години не видовме ниту една развојна мерка, но затоа видовме куп криминални скандали под раководство на министерот – сето тоа врз грбот на земјоделците.Долга е листата на факти, докази и аргументи за комплетно неодговорното и криминално функционирање во овој период. Наша обврска е да направиме сè тоа да престане и земјоделците да бидат заштитени“ рече Трипуновски.
Тој ги наброја и причините за интерпелацијата.
Прва и главна причина е корупцијата и скандалите. Најблиските соработници на министерот – директорот на Платежната агенција и директорот на Инспекторатот за земјоделство – беа фатени со рацете во медот, со 50.000 и 100.000 евра мито. Токму Инспекторатот, кој на предлог на оваа Влада беше ставен директно под капата на Министерството за министерот да има поголема контрола.
Ова не се изолирани случаи, туку јасен доказ за воспоставен систем на корупција. Затоа одговорност мора да има и веднаш мора да си замине овој министер, затоа што нема ниту кредибилитет, ниту авторитет, ниту право да ја води оваа институција со притворени и уапсени негови најблиски соработници. Мега-коруптивниот скандал со европските фондови предизвика најголем срам и бламажа на ниво на Европската Унија. Од најуспешна земја во искористеност на европските средства, особено во земјоделството, станавме земја со суспендирани 128 милиони евра од ИПАРД. Прво лажеше дека нема да има последици, па се обидуваше да ги сокрие одлуките на Европската комисија. Денес, со месеци, земјоделците немаат пристап до европските фондови. Од први станавме последни во регионот – со срам, корупција и мито. Интерпелацијата ја поднесуваме поради сериозни, континуирани и веќе процесуирани случаи на системска корупција невидена досега, злоупотреба на службената положба, кршење на законите и обврските на министерот дефинирани во законите, како и сериозно нарушување на функционирањето на Министерството и институциите во ресорот што го води.“ порача Николовски.