Има ли потенцијал „досието за Меџити“ од политичка алатка да се претвори во правен случај?

Меџити

Прашањето „какво досие има премиерот Христијан Мицкоски за градоначалникот на Чаир Изет Меџити?“, започна да доминира во медиумскиот простор. Првично анализата на објавите покажува дека јавноста добива повеќе политички наратив отколку проверени факти, па се поставува прашањето: Има ли потенцијал „досието за Меџити“ од политичка алатка да се претвори во правен случај?

Најголемиот дел од текстовите објавени досега се базираат на соопштение на Демократска унија за интеграција (ДУИ), кое речиси идентично е пренесено од повеќе портали.

Во тоа соопштение се тврди дека постои „судско досие“ од околу 320 страници за наводни незаконски градби во Чаир, се споменува штета од околу 72 милиони евра за општинскиот буџет и дека ова досие наводно се користи како средство за политички притисок врз Меџити.

Досега овие тврдења се презентирани како партиски став, без приложени документи или независна потврда.

Наративот: „контрола преку досие“

ДУИ ја гради тезата дека премиерот има „контрола“ врз Меџити преку правен предмет, опишан како „Дамоклов меч“ што го држи градоначалникот на функција.

Овој наратив има двоен политички ефект. Прво да го делегитимира Меџити како политички актер, што е разбирлив мотив за ДУИ, и второ, уште еднаш да го претстави Мицкоски како центар на моќ над правосудството

Од друга страна, коалицијата ВЛЕН ги отфрла обвинувањата, обвинувајќи ја ДУИ за „ширење лажни вести“ и политичка паника, што дополнително ја засилува сликата дека случајот се води на ниво на политички препукувања, а не како институционално потврден правен процес.

Засега.

Што (не) знаеме?

Од медиумскиот преглед може да се извлечат неколку јасни заклучоци. „Досието“ постои само како тврдење, без објавени документи, ниту потврда од обвинителство, суд или друга институција.

Затоа рамката што диминира е „политички скандал“, а не како правен случај со утврдени факти.

Досега нема одговор од клучните актери. Нема директен одговор ниту од кабинетот на Мицкоски, ниту од Меџити, барем во доминантниот медиумски циклус на оваа тема досега.

Тоа не значи дека во текот на денешниот ден директните „актери“ на „скандалот судско досие Меџити“, нема да се произнесат. Сепак, тоа е малку веројатно бидејќи директно засегнатите нема да дозволат овие наводи да добијат политички легитимитет од комуникациски аспект.

Оттука, прашањето „какво досие има Мицкоски за Меџити?“ останува барем засега политичка теза, а не потврден факт.

Доколку се појават конкретни документи или реакција од институциите, темата би можела да прерасне од медиумска полемика во вистински правен случај. Во спротивно, ризикува да остане уште еден пример за политичка комуникација без фактичка подлога.

Зачлени се на нашиот е-билтен