Судење Димитровска: Пораките покажуваат злоупотреба

Во судницата денеска беа читани пораки што Обвинителството ги презентира како дел од доказите во постапката против поранешната претседателка на ДКСК, Татјана Димитровска, која се товари за оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат. Во фокусот на рочиштето беше комуникацијата меѓу Димитровска и ревизорот Миле Столевски, за кого обвинението тврди дека во нејзино име го полагал тестот за добивање безбедносен сертификат.

Според презентираната комуникација, Столевски ѝ пишувал дека ќе полага, по што следеле пораки за текот на курсот и тестот. Обвинителството наведе дека Димитровска претходно му ги дала корисничкото име и лозинката, а комуникацијата завршила со испратен ПДФ-документ — електронски издаден сертификат на нејзино име од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации.

Предметот има две линии. Првата се однесува на сомнежот дека безбедносниот сертификат бил обезбеден преку компјутерски фалсификат. Втората се однесува на обвинението дека Димитровска му оддала службена тајна на поранешниот директор на ТЕЦ „Неготино“, Небојша Стојановиќ, кој е обвинет во предметот „Адитив“.

На денешното рочиште беа презентирани и пораки поврзани со обвинетата Билјана Петровска-Мандева, вработена во ТЕЦ „Неготино“. Обвинителството тврди дека таа го известувала Стојановиќ дека е отворена истрага за набавката на мазут, а како доказ беше посочено дека фотографирала наредба од Бирото за јавна безбедност што пристигнала во компанијата.

Димитровска, Столевски и Петровска-Мандева претходно пред судот се изјаснија дека не се чувствуваат виновни. Одбраната тврди дека информациите што се наведуваат во обвинението биле јавно достапни и разгледувани на јавни седници на ДКСК, а за делот со сертификатот наведува дека клучни биле безбедносните проверки на АНБ, а не самиот тест.

Судењето продолжува со изведување докази. До правосилна пресуда, обвинетите се сметаат за невини.

Зачлени се на нашиот е-билтен