НАТО авиони пресретнаа руска воена формација над Балтичкото Море, во нова демонстрација на воздушна готовност на источниот дел од Алијансата. Во акцијата учествувале француски ловци „Рафал“ од базата Шјауљај во Литванија, како дел од мисијата за воздушно патролирање на НАТО во Балтикот, заедно со авиони од Шведска, Финска, Полска, Данска и Романија.
Руската формација, според објавените информации, вклучувала два суперсонични бомбардери Ту-22М3 и околу десет ловци Су-30 и Су-35, кои ги придружувале бомбардерите за време на летот. Руското Министерство за одбрана соопшти дека летот бил однапред планиран, дека се одвивал над неутрални води и дека траел повеќе од четири часа.
Од НАТО ваквите пресретнувања ги третираат како дел од редовната воздушна контрола на источниот простор на Алијансата. Руските воени авиони често летаат без вклучени транспондери, без доставен план за лет и без комуникација со цивилната контрола на летање, што е причина сојузничките ловци да бидат подигнати за идентификација и придружување.
Балтичкиот регион останува една од најчувствителните точки на контакт меѓу НАТО и Русија. Дел од руските летови се поврзани со Калининград, руската енклава меѓу Полска и Литванија, која има важна воена улога за Москва. Токму затоа секое движење на руска авијација во тој простор се следи внимателно, особено по руската инвазија врз Украина и зголеменото присуство на НАТО на источната граница.
Литванското Министерство за одбрана соопшти дека само во неделата од 13 до 19 април НАТО авиони биле подигнати четири пати за пресретнување руски летала што не ги почитувале стандардните правила за летање. Минатиот месец, Естонија пријави и нарушување на својот воздушен простор од руски Су-30, по што реагираше мисијата на НАТО за воздушно патролирање.