СДСМ на прес-конференција денеска оцени дека започнал процес на „разоткривање на мафијашка мрежа“ поврзана со унгарскиот премиер Виктор Орбан, тврдејќи дека тие процеси ќе имаат директни импликации и во Македонија.
На прес конференмцијата на СДСМ, Богданка Кузеска, порпарол и член на ИО, посочи дека унгарскиот политичар Петер Маѓар, како иден премиер, започнал јавна борба против, како што велат, систем на корупција и криминал изграден во изминатите години во Унгарија. Според партијата, Маѓар објавил информации за масовно префрлање средства од страна на луѓе блиски до Орбан во странство, продажба на медиуми под пазарна вредност и можни обиди за прикривање имот пред евентуални истраги.
СДСМ тврди дека ваквите наводи веќе се тема и во дел од европските медиуми, каде, според нив, се отвораат прашања за системско перење пари и злоупотреба на државни ресурси.
Во обраќањето, партијата направи паралела со состојбите во земјава, обвинувајќи го лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и партијата за блиски врски со Орбан. Од СДСМ изнесоа тврдења дека дел од медиумскиот простор во Македонија бил под влијание на, како што ја нарекуваат, „Орбановата мрежа“, како и дека постојат бизнис и инфраструктурни врски со компании и проекти поврзани со унгарски интереси.
А што значи тоа за Македонија? Тоа значи дека наскоро и граѓаните на Македонија ќе имаат можност да го видат она што СДСМ го кажува веќе месеци наназад: Мицкоски и целата ВМРО-ОКГ се најблиските Орбанови партнери и пријатели на Балканот; Повеќе од 40% од медиумскиот простор во Македонија е во рацете на Орбановата мрежа; Компанијата 4iG, блиска до Орбан, ја купи лиценцата за четвртиот мобилен оператор токму за да ја поврзе содржината на нивната медиумска мрежа; Постојат договори во енергетиката со луѓе блиски до Орбан, кинески кредити од преку милијарда евра кои поминаа преку Будимпешта, железнички проекти и обиди да се врзе Македонија со бизниси преку коридорот кој го контролира Орбан и неговите партнери; Занемарувањето на Коридор 8 и префрлањето кон Коридор 10, поради што изгубивме европски средства, рече Кузеска.
Сè што Маѓар сега го разоткрива во Унгарија – перење пари, контрола на медиуми, тајни бизниси, корупција, директно се пресликува и во Македонија, беше речено на пресот.
Кузеска, исто така, спомена и наводни договори во енергетиката, телекомуникациите и инфраструктурата, вклучително и проекти поврзани со коридорите 8 и 10, оценувајќи дека тие политики биле штетни за државните интереси.
СДСМ заклучи дека, според нив, „вистината за овие врски“ допрва ќе излегува на виделина и најави дека граѓаните ќе имаат можност да ги согледаат сите аспекти од, како што велат, „регионалната мрежа на влијание“.