Општина Аеродром ќе потроши 138 милиони денари за реконструкција на улици и тротоари, но станува збор за ограничени зафати и сомнителен избор на изведувачи, обвини денеска СДСМ на прес-конференција.
Според советникот во Советот на општината и претседател на ОО СДСМ Аеродром, Милутин Ристески, средствата се наменети за, како што рече, „5 улици и 13 сокачиња“, иако проектот бил претставен како реконструкција на 18 улици.
Ристески тврди дека договорот за јавна набавка е склучен со компанијата Пирамид Билдинг солушнс, која, според него, е „омилена фирма“ во тендерските постапки поврзани со ВМРО-ДПМНЕ, овојпат како дел од група понудувачи.
Тој објасни дека дел од улиците што се водат како посебни проекти всушност се кратки краци со должина од неколку десетици метри, наведувајќи примери од улицата „Тодор Чангов“, каде, како што рече, поединечни делници од 20 до 30 метри се третираат како посебни улици.
„Овие не можеме да ги наречеме улици, туку сокачиња со неколку куќи“, изјави Ристески, додавајќи дека ваквиот пристап служи за, како што рече, „пропагандно зголемување на бројките“.

Од СДСМ исто така обвинија дека во изминатите пет години, откако ВМРО-ДПМНЕ е на власт во општината и Град Скопје, не бил реконструиран ниту еден булевар, ниту изградена вело-патека, како и дека бил реализиран мал дел од најавените нови паркинг-места.
Воедно, партијата направи споредба со својот претходен мандат, наведувајќи повеќе инфраструктурни проекти, вклучително и изградба на булеварот АСНОМ и мостот „Михајло Апостолски“, како и реконструкција на повеќе улици во општината.
СДСМ упати критики и до градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, повикувајќи го, како што наведоа, „да престане со пропаганда и да се фокусира на реализација на проекти“.
Од Општина Аеродром и ВМРО-ДПМНЕ засега нема официјална реакција на изнесените обвинувања.