Европската Унија воведува нова дигитална апликација „Travel to Europe“, која треба да им овозможи на патниците однапред да ги внесат своите податоци и да го забрзаат преминувањето на надворешните граници во рамките на новиот систем ЕЕС, но засега услугата функционира само во Шведска и Португалија, соопштуваат европски извори.
Апликацијата е дел од пошироката имплементација на ЕЕС системот (Entry/Exit System), со кој Европската Унија го менува начинот на евидентирање на влезот и излезот на државјани од трети земји, вклучително и од Северна Македонија. Наместо печати во пасошите, секое преминување ќе се регистрира дигитално преку фотографирање и биометриски податоци, како отпечатоци од прсти.
Со „Travel to Europe“, патниците однапред ќе можат да ги достават потребните податоци, да го скенираат пасошот преку NFC технологија, да направат селфи за проверка на идентитет и да одговорат на основни прашања за патувањето. По обработката, системот генерира баркод што се прикажува на гранична контрола, со цел да се скрати времето на проверка.
Иако целта на новиот систем е да се намалат гужвите и да се зголеми безбедноста, на некои гранични премини веќе се пријавени подолги чекања поради воведувањето на новата дигитална процедура и потребата од прилагодување на инфраструктурата.
Засега, апликацијата е достапна само во Шведска и Португалија, а нејзиното проширување кон другите земји од Шенген зоната, вклучително и Грција како важна дестинација за македонските патници, сè уште не е официјално потврдено.