Даријан Сотировски објави на социјалните мрежи дека на денешната седница Уставниот суд конечно одлучувајќи по неговата иницијатива поднесена пред една година, донесе Одлука со која ја укина како неуставна и незаконска Одлуката за утврдување правила во урбанистичкото планирање и спроведување на параметри во рамки на дефинирана градежна парцела за реализација и спроведување на урбанистички план бр.08- 7099/17 од 12.06.2024 година, донесена од Советот на Општина Тетово („Службен гласник на Општина Тетово“ бр.7/2024).
Сотировски посочува дека ова е мала и значајна победа со која што се:
– Оневозможува паралелен систем за урбанистичко планирање спротивен на државниот;
– Оневозможува оживување и злоупотреба на станбените заедници кои постоеле во минатото;
– Оневозможува ориентациони параметри за објектите за спроведување на ДУП;
– Оневозможува утврдување на градежна линија со записник на лице место по ,,око”, како и тоа дека истата може да се менува;
– Оневозможува просторот под кровната конструкција да се пренамени во станбен спротивно на важечкиот ДУП;
– Оневозможува градење на објекти со мала површина од 420м2 во намена А1 – станбени куќи со дури 8 станбени единици (станови), а со цел изигрување на правилата што е куќа, а што зграда со намена А2;
– Оневозможува дерогирање на утврдените висини на градење во ДУП;
– Оневозможува дозволување на компитабилна намена Б1 во објекти со класа на намена А1кога со урбанистички план истото не е дозволено;
– Оневозможува примена на подзаконски акти спротивно на уреденото со Закон; и
– Оневозможува Советот на Општина Тетово да преземе улога на Собрание на Република Македонија и да носи одлуки кои ги заменуваат законите донесени од Собранието.
Како граѓани можеме со мали чекори секојдневно да му служиме на јавното добро, истакнува Дарјан Сотировски во својата објава.
„Советниците и пратениците кои се платени и избрани не само да му служат, туку и да се борат за јавното добро нека продолжат да молчат и да ги одобруваат глупостите кои секојдневно го уништуваат Тетово. А, да, од време на време нека продолжат да објавуваат слики со Билал Касами…“, посочува Сотировски.