Форум за образовни промени: Противзаконски унапредувања на Државниот универзитет во Тетово

Тетово
Foto: Fisnik Xhelili/Portalb.mk

Случајот што денес го пријавуваме јасно покажува како постојаното мобилизирање на синџирот; на роднини по крв и оние по интерес, надвладеа над Законот, Статутот и секое друго пишано правило.

Ова го истакна Бленди Ходаи, извршен директот на Форумот за образовни промени (ФОП), на прес конференција на која посочи дека „малку се органите во рамките на Универзитетот во Тетово кои не се вклучени во ова противзаконско академско унапредување. Овој случај е показател дека процесот на унапредувањата повеќе нема никаква врска со тоа колку знаеш, туку  кого познаваш“.

Според ФОП и Ходаи, Арбреша Беџети Ферати, ангажирана на Медицинскиот факултет и истовремено сопруга на претседателот на Сенатот на Универзитетот во Тетово, успеала да биде унапредена во академски звања спротивно на повеќе од 15 законски и статутарни одредби, според извештајот на Државниот просветен инспекторат.

На прес конференнцијата Ходаи рече дека ова го овозможиле неколку органи, меѓу кои Наставно-научниот совет на Медицинскиот факултет, Сенатот на Универзитетот во Тетово и Рецензентската комисија.

Тој нагласи дека прекршувањата се бројни и ги наведе по хронолошки редослед:

Во 2022 година, Сенатот на Универзитетот во Тетово се оградува од законските надлежности и ѝ го признава на Арбреша Беџети Ферати звањето „вонреден професор” стекнато во Белград, Србија, без да провери дали кандидатката ги исполнува задолжителните законски услови.

Без да се осигура дека го заслужува претходното звање, Арбреша Беџети Ферати стреми уште повисоко.

На крајот на 2025 година, деканот на Медицинскиот факултет, Невзат Елези, без законска надлежност, објавува конкурс за избор во академското звање „редовен професор”. Конкурсот бил објавен во дневниот печат и на веб-страницата на универзитетот со различни датуми, додека кандидати се барале за 3 научни области наместо за 1, како што предвидува законот.

Одеднаш, аплицира само една кандидатка, Арбреша Беџети Ферати. Сагата на законските прекршувања продолжува со формирањето на Рецензентската комисија во состав: Невзат Елези, Жаклина Цековска и Нехбедин Беадини, кои требале да гласаат за или против унапредувањето на Арбреша Беџети Ферати.

Додека законот бара релевантно мнозинство, односно 2 од 3 членови на Рецензентската комисија да бидат од областа за која се избира кандидатот, ниту еден од нив не припаѓал во областа на социјалната медицина и областа именувана како „друго”, додека еден од 3-те членови бил од областа на биологијата, што воопшто не припаѓа во општа медицина.

Ходаи потенцираше дека наодите во рефератот изготвен од овие 3 членови го продлабочуваат скандалот: како доказ за претходниот академски избор на кандидатката Арбреша Беџети Ферати го навеле билтенот 166, додека кога инспекторите го отвориле билтенот; се појавило името на нејзиниот сопруг, актуелниот претседател на Сенатот на УТ, Кенан Ферати.

Особено загрижувачки, според ФОП, е и фактот што Арбреша Беџети Ферати не успеала да обезбеди докази за завршен втор циклус на образование, додека рефератот исто така не вклучувал информации дали докторатот на Беџети Ферати е во согласност со потребите на целното академско звање.

Рецензентската комисија не успеала да провери дали Арбреша Беџети Ферати ги исполнува условите дури ниту за една од 3-те области во овој конкурс. Но сепак, предложиле таа да биде избрана за редовен професор на Медицинскиот факултет, рече Ходаи.

„Покрај сите овие горенаведени аномалии, со еден исклучително проблематичен и недовршен реферат, Наставно-научниот совет на 8 април 2026 година одлучил на Арбреша Беџети Ферати да ѝ го додели академското звање редовен професор. Истакнуваме дека истиот ден започнала и инспекција, која траела 7 дена“, рече Ходаи.

Од ФОП ги наведоа и барањата, меѓу кои се очекува актуелниот Ректор на Универзитетот во Тетово, Јусуф Зејнели, „да се освести и да соработува со инспекциските органи, бидејќи наши извори  велат дека тој одбил да го потпише записникот за извршената инспекција. Дополнително, Зејнели мора да сноси одговорност за тоа што целиот овој синџир на законски прекршувања се случил токму во времето кога тој раководи со универзитетот“.

Според ФОП, тука не станува збор за индивидуален случај, туку за добро организирана шема. Покрај прекршувањата на Законот за високото образование, ФОП упатува апел до Јавното обвинителство да ги истражи можните кривични прекршувања како злоупотреба на службена должност, потенцијално фалсификување на документи, како и конфликт на интереси.

Од ФОП уште бараат Универзитетот во Тетово веднаш да го поништи последниот академски избор на Арбреша Беџети Ферати, а потоа Просветниот инспекторат да истражи дали таа ги исполнува условите за звањето вонреден професор. Нејзиниот сопруг, Кенан Ферати, да биде разрешен од функцијата претседател на Сенатот сè додека овој случај не добие конечен епилог.

Зачлени се на нашиот е-билтен