Европската комисија ги суспендираше сите исплати кон Србија во рамките на Планот за раст поради застој во судските реформи, објави еврокомесарката за проширување Марта Кос.
„Засега ги суспендиравме сите исплати во рамките на Планот за раст бидејќи земјата повторно регресира во областа на правдата. Додека ова не се исправи, нема да може да добие финансиска поддршка од Европската Унија“, рече Кос, критикувајќи ја состојбата на владеењето на правото, демократијата и обидите на српските власти да „седат на две столчиња“.
Ова ги потврдува информациите што се појавија пред десет дена дека ЕУ размислува за замрзнување на околу 1,5 милијарди евра помош за Србија поради доцнење во проевропските реформи.
Претходно, претседателката на српскиот парламент, Ана Брнабиќ, изрази сомнежи дека таква мерка ќе биде преземена.
Кос истакна дека Србија останува високо поларизирана земја која е кандидат за членство во ЕУ повеќе од една деценија, но „за жал регресира“.
„Сведоци сме на регресија, особено во однос на вредностите – владеењето на правото, демократијата, слободата на говорот и, пред сè, слободата на медиумите. Србија има иднина во Европската Унија, но курсот мора да се корегира или јасно да се потврди преку постапките на политичарите“, нагласи таа.
Еврокомесарот, исто така, ја критикуваше геополитичката ориентација на Белград.
„Имаме правило дека земјата што сака да стане членка на ЕУ мора 100% да се придржува кон надворешната и одбранбената политика на Унијата. Ова значи дека не може да седи на две столчиња. Србија во одреден момент ќе мора да одлучи што е најважно за нејзиниот иден развој“, заклучи Кос.