Соларен панел откорнат од бура уби 22-годишна девојка во Турција

Силно невреме со дожд, град и бурен ветер погоди делови од југоисточна Турција, предизвикувајќи големи штети во Шанлиурфа и Газиантеп, каде летаа покриви, се превртуваа возила, се уриваа минариња и беа оштетени училишта, јавни објекти и автомобили.

Во округот Биреџик во Шанлиурфа животот го загуби 22-годишната Нур Чакмак, откако соларен панел, откорнат од покрив од силниот ветер, паднал врз автомобилот во кој се наоѓала. Таа била извлечена од возилото и пренесена во болница, но лекарите не успеале да ја спасат.

Невремето траело кратко, но со голема сила. Во Шанлиурфа биле пријавени соборени дрвја, оштетени покриви и поплавени делови од градот, а во Биреџик и Вираншехир наставата е прекината на еден ден. Во Газиантеп, пак, најголеми штети има во повеќе училишта, поради што дел од образовните објекти нема да работат додека не се санираат оштетувањата.

Повредени се најмалку над 50 лица, а дел од турските извештаи наведуваат и повисока бројка. Во Шанлиурфа се пријавени десетици повредени, додека во Газиантеп има повредени и при оштетување на олимписки центар за подготовки, каде ветерот го однел покривот.

Во Шанлиурфа бурата предизвикала дополнителен хаос кога силниот ветер превртел пикап на мост, урнал минаре на џамија и откорнал пловечки ресторани од местата каде што биле врзани. Снимките од теренот покажуваат улици покриени со гранки, делови од покриви и други предмети што ги носел ветерот.

Истовремено, делови од Турција се соочија и со невообичаено студено време и снег за овој период од годината, што дополнително ја влоши временската слика во земјата. Турските метеоролошки служби и локалните власти предупредуваат дека ваквите нагли временски промени носат сериозен ризик за сообраќајот, инфраструктурата и безбедноста на граѓаните.

Невремето повторно го отвори прашањето за безбедноста на покривните конструкции, соларните панели и јавната инфраструктура во услови на сè почести екстремни временски појави. Кога ветерот достигнува сила што може да откорне метални конструкции и да ги претвори во смртоносни предмети, ризикот повеќе не е само во поплавите и паднатите дрвја, туку и во сè што не е доволно цврсто поставено на зградите.

Зачлени се на нашиот е-билтен