Земјотрес со магнитуда од 4,1 степени утрово ја погоди северозападна Србија, со епицентар во регионот на Бездан, во близина на Сомбор и граничниот појас со Хрватска и Унгарија. Потресот бил регистриран во 2:35 часот по локално време, а неколку минути подоцна следувал и послаб земјотрес со магнитуда од 2,5 степени.
Потресот бил почувствуван во поширокото подрачје на Војводина, особено околу Бездан, Апатин и Сомбор, но и во делови од источна Хрватска и јужна Унгарија. Според сеизмолошките податоци, теоретскиот интензитет во епицентарот бил проценет на шест степени според Меркалиевата скала, што е ниво кое може да предизвика помали оштетувања на објекти во епицентралната област.
Жителите од погоденото подрачје на социјалните мрежи опишуваат краток, но силен потрес што ги разбудил од сон. Дел од сведоштвата наведуваат дека се треселе прозорците и мебелот, а еден жител напишал дека помислил оти „зградата ќе се урне“. Слични реакции биле објавени и од пограничните делови на Хрватска.
Засега нема информации за повредени лица или за поголема материјална штета. Сеизмолошките служби ги водат податоците како прелиминарни, додека конечните параметри се утврдуваат по дополнителна обработка на мерењата.