Добрите политички односи меѓу Македонија и Романија треба да добијат поширока економска содржина, било оценето на средбата меѓу претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и романскиот претседател Никушор Дан, одржана на маргините на осмиот Самит на Европската политичка заедница во Ереван.
На средбата било разговарано за македонските евроинтеграции, регионалната соработка и можностите политичката блискост меѓу двете земји да се преточи во подинамична економска размена. Сиљановска-Давкова се заблагодарила за континуираната поддршка од Романија за европскиот пат на Македонија, вклучително и преку групата „Пријатели на проширувањето“.
Во разговорите било нагласено дека процесот на проширување треба да остане врзан за Копенхашките критериуми, со почитување на европските принципи и вредности. Претседателката оценила дека силната регионална соработка е важен фактор за политичкото обединување во Европската Унија, а го поздравила и романското разбирање за македонската аспирација земјата да стане партнер во иницијативата „Три мориња“.
Покрај политичките теми, двајцата претседатели разговарале и за можностите за соработка во културата, образованието и науката. Таквите области, заедно со економијата, се посочуваат како простор во кој билатералните односи може да добијат поконкретна содржина, надвор од вообичаената дипломатска поддршка.
Сиљановска-Давкова изразила подготвеност за натамошна меѓусебна поддршка во рамките на меѓународните организации и упатила покана до романскиот претседател Дан за официјална посета на Македонија.