Црна Гора ја спушта топката по изјавата на Руте: нема одлука за помош на САД во војната со Иран

Црна Гора нема сознанија дека се разгледува отстапување на нејзини воени капацитети или логистичка поддршка за САД во војната против Иран, соопшти црногорското Министерство за одбрана, откако генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, ја вклучи и Подгорица меѓу европските сојузници кои, како што рече, ги спроведуваат барањата за користење бази и друга логистичка поддршка.

Руте изјави дека европските земји ја „слушнале пораката“ од Вашингтон и дека повеќе членки на НАТО, меѓу кои Црна Гора, Хрватска, Романија, Португалија, Грција, Италија, Велика Британија, Франција и Германија, учествуваат преку билатерални договори за базирање и логистичка поддршка. Изјавата беше дадена на самитот на Европската политичка заедница во Ерменија, во контекст на американското незадоволство од европската реакција на војната околу Иран.

Подгорица, сепак, ја прецизираше позицијата дека таква одлука не е во надлежност на Министерството за одбрана и дека, доколку би се носела, би барала согласност на највисоко државно ниво. Од Министерството нагласуваат дека Црна Гора ги гледа САД како стратешки партнер и сојузник во НАТО, но дека постојната воена соработка се движи во рамки на националните интереси, одбранбените приоритети и обврските во Алијансата.

Во соопштението се наведува дека неодамна усогласениот технички договор меѓу Министерството за одбрана и Командата на американските сили во Европа и Африка се однесува на поддршка на земјата домаќин, но исклучиво во доменот на воени обуки и вежби. Таквиот договор, како што објаснуваат од Подгорица, е типски документ и од него не произлегуваат нови меѓународно-правни обврски.

Црногорските власти велат дека од почетокот на судирот меѓу Иран, од една страна, и САД и Израел, од друга страна, ја следат ситуацијата со посебно внимание на можните импликации врз националната и колективната безбедност. Според досегашната проценка на Министерството за одбрана, ризикот Црна Гора да биде таргетирана од Иран е низок.

Зачлени се на нашиот е-билтен