Ревизорите утврдиле слабости при изградба и реконструкција на локални патишта, улици, спортски игралишта и урбана опрема во општината, во вкупна вредност од околу 1.594.500 евра, и тоа при изведување на градежни работи без одобренија за градење, реконструкција на линиски инфраструктурни објекти без одобрен проект, а налозите за работа не содржеле технички спецификации, количини, единечни цени и рокови на изведба), а недостигале и конечни пресметки и уредно одобрена градежна документација.
„Ревизијата утврди состојби кои упатуваат на неправилности и неусогласености во работењето на општината Илинден. Поради нивното значење изразено е неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2024 година и мислење со резерва за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставени политики на сметката на основен буџет и неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2024 година и за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставени политики за сметката на основен буџет“, наведено е во соопштението од ДЗР.
Со извршената ревизија ревизорите констатирале дека не било извршено вредносно усогласување на околу 935.000 евра побарувања од минати години за кои постои неизвесност во наплатата, а даночната и сметководствената евиденција не се усогласени за 648.000 евра.
„Побарувањата по основ на надоместок за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти и за уредување на градежно земјиште се евидентираат по наплатата, наместо во моментот на нивно настанување. Не се евидентирани побарувања за надоместок за одржување на јавна чистота, како и по основ на договорна казна за изградба на објекти на неизградено градежно земјиште во сопственост на државата. Пазарната вредност на недвижниот имот не е соодветно утврдена, податоците во регистарот на недвижен имот не се ажурирани, не се пресметува камата за задоцнето плаќање, не е воспоставен механизам за присилна наплата на данокот на имот додека даночните обврзници кои се стекнале со дополнителен или нов имот не се задолжуваат соодветно. Кај договорите за отуѓување на неизградено градежно земјиште во сопственост на државата, од страна на купувачите не се почитуваат договорените рокови за изградба, а до 2023 година не се пресметувале и наплатувале казнени пенали“, стои во извештајот.
Ревизорите утврдиле и дека во постапките за утврдување на правен статус на бесправно изградените објекти не се почитувале законските рокови, не е постапено по одлуките на советот за донесување урбанистичко планска документација со цел вклопување на бесправно изградените објекти, а за објектите за кои се донесени решенија за одбивање не биле преземени мерки за нивно отстранување.
„На територијата на општина Илинден се поставува урбана опрема и се врши угостителска дејност надвор од деловните објекти без издадени одобренија, при што не се остварени приходи по основ на комунална такса за користење на просторот“, се додава во соопштението.